Македонската фудбалска репрезентација ја продолжи добрата традиција против Италија и синоќа одигра 1-1 на арената „Тодор Проески“ во рамки на 5. коло во квалификациите за Европското првенство 2024 година.

Гостите поведоа, но Енис Барди со мајсторија од слободен удар ѝ донесе на Македонија голем бод.

На четири одиграни средби со Италија, сега имаме две ремија од по 1-1, една победа, онаа во Палермо во баражот за Светското првенство и само еден пораз и тоа во првата меѓусебна пресметка во Скопје во 2016 година со 2-3.

Во нашата квалификациска група Ц, Англија, која вчера ремизираше 1-1 на гости со Украина е лидер со 13 бодови.

Украина е втора со седум, Македонија и Италија имаат по четири бодови, а последна е Малта без освоен бод.

За два дена Македонија гостува на Малта во рамки на 6. коло од квалификациите.
Фото: ФФМ












