Со симболично предавање на клучот од градот од градоначалникот на карневалистите, пред влезот во општинската зграда, во Струмица почнаа осумдневните карневалски празнувања. Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов му го предаде клучот на претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов, со што беше означен почетокот на годинашното карневалско издание. Големиот Струмички карневал, е главен настан од овогодишните карневалски свечености во Струмица.Во интернационалната карневалска поворка учествуваа околу 1500 маскирани луѓе во 49 маски од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Турција, Грција, Бугарија и Македонија.
Покрај илјадниците граѓани кои го следеа карневалот, на истиот присуствуваа и гости од македонската Влада и Собранието, претставници од дипломатскиот кор, претставници од Федерацијата на европските карневалски градови (FECC) од повеќе европски земји, како и гости од други македонски Општини. Пред официјалниот почеток на карневалот, свое обраќање пред присутните имаа: претседателот на Бордот на директори на FECC Ларс Алгел и градоначалникот Костадин Костадинов, а во чест на јубилејот – 30 години од членството на Струмица и Струмичкиот карневал во FECC, Алгел му врачи на струмичкиот градоначалник медал од федерацијата.
Општ е впечатокот дека вечерашниот Струмички карневал е еден од најдобрите во последните неколку години.

Жири комисијата и оваа година имаше тешка задача да ги додели наградите на најдобрите маски. На градскиот плоштад во Струмица се одржа и детскиот карневал во рамките на осумдневните карневалски празнувања. На карневалската сцена дечињата ги покажаа своите разновидни карневалски креации во друштво на нивните родители, а во дефилето имаше и групни маски изработени од учениците и нивните наставници од основни училишта и од најмладите од струмичките градинки.

Со своите маски децата ги воодушевија посетителите кои го наполнија градскиот плоштад. На карневалот учествуваа и битолчаните Brass Brothers маскирани како темплари.
Видео: Тв Канал Вис











