Правилник за финансиска поддршка на спортисти, спортски клубови, спортски здруженија и други правни лица од областа на спортот, е предлогот на советникот од Левица, Трајковски. На комисиската расправа пред да се најде предлогот на пленарната седница, барем според членовите на комисијата, тој повеќе ги збунил отколку што им бил јасен.

„И секој спортист и спортски клуб ќе биде на некој начин правно заштитен, па така секој негов успех ќе биде помогнат според успесите кои ќе ги има и со тоа ќе ги стимулираме спортистите и спортските клубови“ објасни советникот од Левица, Гаврил Трајковски.
Советникот Петковски кој е и претседател на комисијата за млади и спорт рече дека во правилникот имало многу контрадикторности и нелогичности.

„Сите од општинска лига, ниту една екипа нема да биде помогната, затоа што немаме таква точка и немаме таква основа. Тоа е како прво, а како второ јас прашав зошто со ист коефициент се бодуваат сите лиги во државното првенство, прва, втора и трета лига. И сега гледајте каква констрадикторност имаме. Државно првенство или државна лига, прва лига прво место добива толку, второ, трето, четврток, петто место добиваат толку бодови. Од прва до трета лига. Значи тој што бил во прва лига шести нема да добие воопшто средства, а тој што бил во трета лига петти, замислете два ранга подолу, ќе добие финансиски средства“ реагираше советникот од ВМРО ДПМНЕ, Зоран Петковски.
Трајковски изрази жалење што и покрај забелешките на комисиската расправа, до него не пристигнале никакви предлог измени на правилникот.
„Вие не се заклучувате кога делите финансиски средства? Во 2022 година сосема случајно имав работа нешто во општината и тука ве начекав каде што држевте комисија без да не известите. Истото беше и оваа година, истото ќе продолжи. И вие сте свесни за тоа. Кога ќе се делат финансиските средства си ги известувате само, значи пак ќе повторам, само членовите на комисијата, но не и другите советници“ рече Трајковски.
Реплицираше Трајковски оти имале 365 дена да го рзгледаат, а не два дена викенд.
„Иако некои колеги покажаа загриженост дека не бил добар правилникот и се потрудија да ми кажат како истиот е фалсификат, не одвоија време и не успеаа да пратат ниту еден предлог, како истиот би се подобрил, а ние кажавме дека доколку предлозите се конструктивни и се прифатливи за нас, дека буквално се ќе прифатиме“ рече Трајковски.
И во делот на седниците на комисиите, Петковски возврати.
„Ги имам и сите записници колку пати сте поканети на комисија за спорт, ги побарав, а не сте присуствувале ни на десет насто од нив. Или ве интересира само кога се доделуваат средствата. Еве јавно ве поканувам да видите и да дојдите на оваа комисија и кога ќе дојдат 150 апликации и кога девет дена ќе трае комисијата и кога ќе доцни исплата и сите тие работи, да дојдите тука и да ни покажите практично како треба да се исплаќаат средствата. И ќе видите тогаш кога ќе дојдат апликации од сите спортови, дали ќе можете да ги најдите тука во овој записник, во овој правилник и дали ќе можеме да ги имплементираме“ рече Петковски.

Советникот Корлевски зборуваше и за тоа како за некои работи крајот не може да им се најде.
„Големата забуна која е? Ние и претходно зборував за кварталниот извештај и на завршните сметки и на се, парите за спорт во програмата за спорт која што ја предвидуваме почнува од 60 милиони денари, па оди на 80, 90, 30, 20, крајот не можи да му најди човек. Велиме дека со професионалниот спорт се репрезентира градот, а со овие средства почитувани граѓани зборуваме за 1,5 милиони денари, од кои 500.000 денари одат за индивидуални спортисти, а 1.000.000 денари за здруженија на граѓани. Секогаш по моето искуство има отприлика околу стотина апликации во кои што 99 проценти се поддржани. Сега кој е проблемот? Не сакам колега во никој случај кога ќе стигниме некој правилник имаме една лоша навика во оваа институција, зборувам за Општина Битола, башка тоа што има комисија за евалуација која што баравме да ја измениме да имаме увид на работите, што не се почитува ништо“ рече советникот од СДСМ, Борче Корлевски.

Бојкоски повторно побара практичен пример, исто како и на комисиската расправа.
„Од неколку апликации, тука имаме проектор и математика да ни направи колегата советник, да му каже на јавноста како ќе се распределуваат финансиските средства. Арно ама тој не ја знаеше математикаат на тоа што го предложи. Со ваков предлог за правилник наместо да даваме поддршка и стимулација на спортистите, ние ќе ги казнуваме“ вели советникот од ВМРО ДПМНЕ, Бојан Бојкоски.
Каже дека ќе бидат воздржани на гласањето. Пет советници гласаа за овој правилник, меѓу нив и Корлевски, но не и неговиот сопартиец кој за спортот е гласен, Илиевски кој гласаше со остантите од својата партија исто какао и политичките противници од спротивната страна, оние на ВМРО ДПМНЕ.
И на крај убаво да се види и преброи и да се констатира дека предлогот не е усвоен.











