Шумски пожари утрово се активни на островите Закинтос и Кефалонија, како и во близина на градот Воница во западниот дел на Грција, а од бројот 112 за итни случаи беа испратени низа пораки за евакуација на населените места што се во близина на огнените јазици, јави дописничката на МИА од Атина.
На Закинтос ситуацијата е особено тешка, евакуирани беа две села во јужниот дел на островот, а интервенираат 20 пожарникари со девет возила, два авиони и еден хеликоптер, но не е исклучена можноста противпожарните сили дополнително да се зајакнат.
Пожарот на Кефалонија избувна во текот на ноќта во југозападниот дел на островот, каде што се ангажирани 60 пожарникари со три пешадиски тима, 17 возила, четири авиони и еден хеликоптер, а помагаат и цистерни од општината.












