ТЕРА

REKLAMA???

ПРЕСПАНСКА КНИЖЕВНА ВЕЧЕР ВО БИТОЛА СО ДЕЛАТА НА ЛИДИЈА ДОЧОВСКА ПАВЛОВСКА

Претпразничната културна недела во КИЦ Офицерскиот дом, започна со пишаниот збор кој ја опишува бескрајната љубов и божествена инспирација кон нашата Преспа, преку Литературниот настан „Преспански поетски вечери- Преспанска молитва“, на кој беше промовирано поетското творештво на поетесата Лидија Дочовска Павловска . Посебен акцент беше ставен на последните две книги, „Розите на Преспа“ и „Ехото на старите патеки Виа Игнација“.

Колегите на Дочовска Павловска и го дадоа прекарот Преспана заради промоцијата на преспанските убавини. Нејзина цел со овие дела е да ги запознае читателите со се она што Преспаснкиот регион го нуди, но и за заштита на истиот.

Проф. д-р Венко Андоновски за нејзината поезија ќе напише:

„Убава е оваа треперлива поезија, поезија на илузионистичкиот миг за светот, особено кога во тој интеркултурен букет ќе се најде и цветот на личното чувство: бол, сочувство, чувство на соединување со светот како врвно божество од кое се излегува и во кое се се враќа и се слева, во согласност со источните мистични филозофии…“.

Проф. д-р. Катица Ќулафковапод наслов  „Едно поетско ехо на историјата и интимата” , ќе рече:

“Интимната слика на светот е обележана од силни чувства и изрази на тие чувства на поетесата и митолошки реминисценции, песната се протега меѓу митот, историјата и интимата, триаголник кој ја одредува структурата не само на песните одделно туку и на целината на книгата“.

За музичкиот дел на промоцијата се погрижи младата и талентирана Теона Буџаковска, ученик во Државното музичко училиште Битола.

Лидија Дочовска Павловска е член на Друштвото на писателите на Македонија. Со своите поетски збирки „Солзите на Преспана“, „Така љубеше Косара“, „Крикот на пеликанот“, преку коавторската прозна книга „Преспански легенди-Преспанска езерска убавица“,„Липите кај Сарај куќа“ и двете книги кои беа презентирани во Битола, остава силен печат и вистински траги за одредени настани и случувања од преспанското поднебје кои веќе беа подзаборавени. Дочовска Павловска ги оживеа и им даде една нова, безвременска поетска димензија.