Александар Гулевски го промовираше новиот спот на песната „Небо“, која е петта по ред од неговиот албум „Не“, што сè уште е во подготовка. Песната е исполнета со емотивна длабочина и ги носи темите на љубовта, слободата и мечтите, истражувајќи ги преку нежни мелодии кои допираат до срцето. Спотот го засилува овој емоционален тон, користејќи внимателно избрани кадри кои создаваат чувство на хармонија и спокој, додека природата и небесните простори играат клучна улога. Визуелниот аспект на спотот е вистинско патување кое ќе ве потсети да погледнете кон небото и да верувате во своите соништа.
Низ емотивни стихови, Александар ја истражува бесконечноста на небесата и ја потенцира надежта што постои во моменти на осаменост, тагување и тешки денови. Песната нуди утеха, потсетувајќи дека, кога сме осамени и тажни, среќата нè чека ако за момент погледнеме нагоре, дозволувајќи духот да отпатува кон ширината на небото и да го најде мирот. За разлика од неговата претходна песна „ДНО“, „НЕБО“ има помек, на моменти Боувиевски звук и Никкејвовска оркестрација.
„Живееме во страшно време, во кое многу вредности се уништени и урнати. Ова е време на потемкинови села и на шарени лаги. Општествата се корумпирани и во нив се промовираат простотилакот и кичот. Медиумската измама стана нова реалност. Не знаеме веќе што е вистина, а што лага. Привидната модернизација направи да станеме уште една од многуте светски колонии. Колонизацијата е направена одамна; сега ги трпиме нејзините последици. Но, зошто е тоа така? Затоа што увезената западноевропска култура примарно се грижи само за произведување и трошење на нештата. Грижејќи се само за постојано растечкото производство и за постојано растечката потрошувачка, таа, без да сме свесни за тоа, луѓето ги претвори во стока за продажба. Ја изгубивме својата личносност, и покрај тоа што постојано зборуваме за неа. Следиме водачи кои не ни го покажуваат патот и не ни ја покажуваат целта. Цело време веруваме дека постапуваме врз основа на сопствените уверувања, ставови и желби, а, всушност, со нас манипулираат индустријата, банкарите, фармацевтските компании и слоганите. Се отуѓивме од самите себе. Ништо веќе не нè прави исполнети и животот веќе не го чувствуваме со вистинскиот интензитет. Копнееме да бидеме поинакви, но во исто време смртно се плашиме да се оддалечиме од толпата, од стадото. Но, секогаш постои надеж за промена, за преобразување на себеси. Тоа е порака на песната“ – вели Александар.
Погледнете го спотот и уживајте во убавината на „Небо“ од Александар Гулевски!











