Со свечен концерт со лауреатите од минатогодишниот Пијанофест, се отвори годинешното 6.издание на меѓународниот натпревар “ПИЈАНОФЕСТ 2024”. Концертот се одржа во цвечената сала на КИЦ.Офицерскиот дом во Битола и на истиот музичката магија ја пренесоа: Јана Блажевска Соло Пеење ( Македонија) и Јурген Алиа Пијано ( Албанија). Пијанофест е во организација на Здружението на пијанисти и музички педагози ПИЈАНО од Битола, а се реализираше под покровителство на Министерството за култура на Македонија и Oпштина Битола. Овој натпревар е во соработка со Културно Информативниот центар – Битола.

На настанот присуствуваше и градоначалникот на општина Битола, др.Тони Коњановски. Јана Блажевска е извонреден млад талент, учесник и лауреат на бројни државни и меѓународни натпревари. Таа веќе седум години е посветена на класичната музика и оперското пеење, и е во класата на проф. м-р Маја Митровска во Државно музичко училиште – Битола.

Јурген Алија е роден 2005 година во Тирана, Албанија. Започнал да свири пијано на 6-годишна возраст во Музичкото училиште во Тирана. Јурген учествувал и освоил многу награди на домашни и меѓународни натпревари. Во 2023 година ги започнал студиите на конзерваториумот “Џузепе Тартини” во Трст.

Здружението ПИЈАНО ја промовира класичната музика и вредностите кои таа ги носи сама по себе. Формирано во 2018 година од професионални педагози по пијано како и од група ентузијасти и љубители на класичната музика.
Приказната ПИЈАНОФЕСТ започнува во 2019та година, со идејата за културно раздвижување, а резултира со успешен настан и учесници не само од нашата земја, туку и од Србија, Италија, Албанија, Ермениа, Косово, Полска, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Малта и други земји. Од година во година интересот за натпреварот е се поголем, и големото “Пијанофест семејство” се повеќе расте.

Оваа година околу 150 учесници се натпреваруваа во дисциплините пијано соло, соло пеење, и за прв пат и во дисциплината камерна музика. Меѓународна жири комисија оваа година беше составена од: за дисциплината пијано: Бојана Родиќ (Србија), Елена Ѓоргиева (Македонија) и Милица Лоренс ( Малта ). Во дисциплината соло пеење: Македонка Митреска (Македонија), Иванка Нинова ( Бугарија ), Маја Митровска (Македонија). И во дисциплината камерна музика : Милица Лоренс ( Малта ), Вангел Мажевски ( Македонија ), Иванка Нинова ( Бугарија ).

Лауреати оваа година се: категорија пијано: Златица Лазарова, категорија соло пеење Елеонора Џоџоска. Беа доделени и награди за најдобри наставници и тоа на:Паола Кондакчи од Албанија и Душан Сутон од Србија.











