Нуклеарната централа во Запорожје повторно има струја откако двапати во текот на вчерашниот ден била исклучена од мрежата, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), повикувајќи се на официјален Киев.
Електраната, која е под контрола на руските сили, остана приклучена на линија со помал напон од блиската термоцентрала која може да обезбеди резервна електрична енергија за да работат реактори, додека сите безбедносни системи останаа во функција.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека светот за влакно избегнал катастрофа со радијација, бидејќи струјата на украинската нуклеарна централа Запорожје била прекината со часови поради руското гранатирање во областа, што, пак, Москва го негираше.
Руските сили кои ја контролираат украинската нуклеарна централа Запорожје соопштиле дека дошло до дефект на безбедносниот систем во централата, што предизвикало затемнување во регионот. Тие навеле дека безбедносниот систем бил активиран поради пожар во околината што настанал по гранатирањето.
Обединетите нации бараат пристап до објектот и повикаа областа да се демилитаризира.












