ТЕРА

REKLAMA???

„ИЗВОР“ ЗА 60 ГОДИНИ МУЗИЧКА МЛАДИНА НА МАКЕДОНИЈА

Оркестарот на Македонската филхармонија го изведе концертот „Извор“ посветен на 60 години Музичка младина на Македонија.

Диригент беше Борјан Цанев, а како солисти настапија младите инструменталисти Магдалена Дрмач – виолончело, Леонардо Димоски – виолина и Гоце Златев – пијано. На програмата беа „Водич низ оркестарот за млади“ од Бенџамин Бритн, Симфониски варијации за виолончело и оркестар од Леон Боелман, Капричо-Етида од Сен Санс и „Рапсодија на тема од Паганини“ од Сергеј Рахмањинов.

МММ е формирана во Битола (1963) и оттогаш е член на ФЈМ (Светската федерација на музичката младина), како дел од Музичката младина на поранешна Југославија, а од 1995 г. дејствува како самостојна организација, под името Музичка младина на Македонија. Од своето формирање до денес МММ претставува една од најзначајните алки во синџирот на разнородните музички активности во нашата држава и надвор од неа.

Леонардо Димоски од Прилеп, музичкото образование го започнува на 6-годишна возраст,  во ООМУ „Ордан Михајлоски Оцка“. Во светот на музиката го водела професорката по виолина Оливера Трајковска од Битола. Средно училиште заврши во Државното музичко училиште во Битола .

Oд јануари 2017 година работи под менторство на м-р проф. Сихана Бадивуку. Во 2023 започнува да студира во Виена со проф. Павел Верников и проф. Кристина Шуклар. Учесник и добитник е на бројни награди на државни и меѓународни натпревари. Учествувал на „Виолин фест“ – Скопје, во 2016, 2017, 2018, 2019 и 2023 год. Настапувал во Македонија, Австрија, Србија, Италија.

Магдалена Дрмач е родена 2006 година. На осумгодишна возраст почнува да свири виолончело во Основното музичко училиште – ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ – Скопје, во класата на професорката Александра Јаневска. Во периодот од 2015 до 2023 година учествува на многу натпревари каде што освојува многу први награди. Повеќето од нив се со меѓународен, државен и регионален карактер. Натпреварите се одржале во Република Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Русија и САД. Во 2021 година е лауреат на фестивалот „Отворена Европа“ во Москва.

Гоце Златев е роден 2006 година. Основното музичко образование го започнува во Штип на осумгодишна возраст во класата на проф. Гоце Костадинов, а од 2017 година учи во Скопје во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. д-р Славица Мицовска- Смилевска. Сега е ученик во  четврта година – Инструментален отсек – пијано специјал. Во текот на своето  музичко образование учествува на повеќе државни и меѓународни натпревари и добитник е на многу награди, меѓу кои прво место во Словенија; награда „Најголем виртуоз“ во Бугарија; второ место на натпреварот „Шопен“ во Малезија и др. Во 2019 година на 13- годишна возраст го одржува првиот солистички рецитал во Скопје, по кој следат девет солистички рецитали од кои три во Скопје, Штип, Велес, Битола, Струмица, Гевгелија и рецитал во Рим.

Музичката младина на Македонија за целото ова време се стреми да ја охрабри и насочи потребата за директна комуникација меѓу младите и аудиториумот, како со музикатата, така и со други културни вредности.