Битолчанки секогаш биле познати по модата и убавиот, негуван изглед, но исто така и по талентираните спортистки и богата спортска историја. Овој град е дом на бројни спортистки кои, не само што не направиле горди, туку и ги надминале сите спортски граници, станувајќи идоли за младите генерации.
Секоја од нив носи уникатна приказна на успех и посветеност, а со задоволство ги паметиме нивните достигнувања. Нивните напори и резултати продолжуваат да инспирираат и поттикнуваат нови таленти во Битола, создавајќи една силна традиција на спортски успех и поддршка. Со години, тие не само што ја презентираат Битола на највисоко ниво, туку и ја потврдуваат позицијата на градот како важен центар за спорт и млади таленти во Македонија.
Марија Чурлевска – Џидрова, родена 1943 година, важи за еден од основоположниците на ракометот во Македонија. Својата кариера ја започнува во најраната младост и игра до 1964 година, кога го одигрува последниот натпревар за РК „Пелистер“. За време на својата 11-годишна кариера, Чурлевска е многупати прогласувана за спортист на Македонија и добитник на бројни награди. Освен ракометарка, е и една од најдобрите кошаркарки на Битола. Во периодот од ’50 до ’60 години практично се занимава и со сите други спортови. Битолските новинари ја нарекуваат прва дама на ракометот во Битола, прав виртуоз, човек исклучително надарен за сите спортски дисциплини.По завршувањето на играчката кариера, таа продолжува да се ангажира во ракометот како тренер, пренесувајќи го своето богатство на искуство на младите ракометарки.

Милка Гемтова-Георгиевска, родена 1954 година, започнува со скијање од детството и во 1966 година станува првак на Македонија во слалом, велеслалом и смук. Таа го освојува и шестото место на Државното првенство на Југославија истата година. Како скијачка икона, Гемтова задржува титулата првак на Македонија во својата категорија до 1977 година. Во 1969, 1971 и 1974 г. избрана е меѓу десетте најдобри спортисти во Битола каде и` беше доделен епитетот „Царица на белиот спорт“. Летото 1970 г. освојува 3. и 4. место во скијање на вода на Државното првенство на Југославија, кое се одржа во Отешево. По успешната кариера како натпреварувач, работи и како тренер на женската скијачка екипа на ПСД „Пелистер“, помагајќи во развојот на нови таленти.

Вера Вељановска, родена 1955 година, е една од најуспешните атлетичарки во Битола. Нејзините достигнувања вклучуваат 17 златни медали, 15 сребрени и 3 бронзени медали на различни атлетски натпревари. Нејзини рекорди што и денеска не се соборени се: 60 м. во сала – 7, 3 секунди во Букурешт, 60 м. на отворено – 7, 5 секунди во Сплит (1973 г.), 100 м. на отворено – 11, 6 секунди во Букурешт (1973 г.), 200 м. на отворено – 24, 0 секунди во Софија (1973 г). Прогласена е за спортист на Македонија во 1973 и 1974 година, четири пати е и на ранг-листата на најдобрите спортисти во Битола: 1971 и 1972 година на второ место, а 1973 и 1974 година на прво место. Добитник е на бројни признанија: наградата „4 Ноември“ на Битола, „Седум секретари на СКОЈ“, Плакета по повод 30 години физичка култура во Битола, 1977 година и Сребрена плакета од Светската атлетска федерација во 1998 година.

Весна Дунимагловска, родена 1976 година, започнува со скијање во детството и станува апсолутен шампион на Македонија во слалом и велеслалом. Нејзините успеси вклучуваат медали на Балканското и Националното првенство, а во 1992 година учествува на Зимските Олимписки игри во Албертвил, претставувајќи ја Југословенската алпска скијачка репрезентација. . Во 1986 година го освојува второто место во слалом на Балканското првенство во Бурса – Турција, а во 1990 година третото место на Националното првенство на Бугарија. Во 1990 година е државен шампион на Република Македонија во гимнастика. Во 1992 г. учествува на Југословенското првенство на Бјелашница – Босна и го освојува првото место во слалом и второто место во велеслалом. Двократен спортист е на годината на Битола, двократен спортист на годината од списанието „Скок“ и е во 10-те најуспешни спортисти на Македонија од СОФКА.
Билјана Чурлевска – Маневска, родена 1966 година, исто така игра ракомет од рана возраст и постигнува значајни успеси во својата кариера. Членка на младинската ракометна репрезентација на Македонија, таа освоила многу награди и титули. Со РК „Пелистер“, Чурлевска има просек од 14 голови по натпревар, што ја прави еден од најдобрите играчи во клубот. На седумнаесетгодишна возраст потпишува за ДИН во Ниш, каде после турнирот во Зајечар како најдобар играч, заминува во РК „Работнички“ – Белград. Со нив игра на многу турнири, натпревари и меѓународни натпревари каде со Ракометната репрезентација – јуниорки го освојува златниот медал на Балканското првенство и е прогласена за најдобар стрелец.
Оливера Наковска Бикова, родена 1974 година, е врвна стрелачка спортистка и членка на Параолимпската репрезентација. Во 2001 година, таа освојува златен медал на Европското првенство во Данска, во гаѓање со воздушен пиштол. На Светскиот шампионат одржан во Сеул, со 562 круга, Наковска станува најдобра во тричлениот состав кој го освои сребрениот медал. Наковска учествува и на Параолимпијадата во Атина во 2004 година, каде го освојува шестото место на натрпеварот со воздушен пиштол. Во 2006 г. освојува многу видна награда – втора со воздушен пиштол во неверојатно силна конкуренција. На Светското првенство во Сарганс, Швајцарија, за само 0,1 круг не го освојува златниот медал, додека на Европскиот куп во Падова е прва со израмнет светски рекорд. Сето ова и` го носи првото место на светската ранглиста во дисциплината воздушен пиштол. На Светското првенство во стрелаштво за спортисти со инвалидност во Загреб (2010), во дисциплината воздушен пиштол – жени, Оливера Наковска – Бикова во конкуренција од 26 натпреварувачки го освојува 3. место и бронзениот медал со резултат од 462, 4 круга (366 во основен дел). Со тоа обезбедува настап на Параолимписките игри во Лондон, во 2012 година каде освојува златен медал.
Сите овие спортистки не само што достигнале значајни успеси, туку и оставиле траен печат во македонскиот спорт, инспирирајќи нови генерации.


















