Германскиот божиќен базар (,,Weihnachtsmarkt”) се одржа викендов, на 21 декември, пред Офицерскиот дом, во Битола и предизвика празнична возбуда кај посетителите. Оваа магична вечер ги поврза битолчани со германската култура, создавајќи уникатен спој на традиции и обичаи што ја воздигнаа зимската празнична атмосфера.
Настанот беше организиран од наставниците по германски јазик, од основните и средните училишта во соработка со Општина Битола, кои се погрижија за секој детаљ. На штандовите беа изложени креативни изработки, кои преку симболика и внимателно изработени детали ја доловија германската култура, носејќи ја поблиску до битолчани. Од традиционални божиќни украси, рачно изработени честитки, до специјални десерти, секој детаљ зборуваше за германското прославување на Божиќ.
Присутните имаа можност да уживаат и во топлото греено вино (,,Glühwein”), симбол на германските божиќни пазари, кое ги стопли и битолчани во ладната зимска вечер. Посебен момент на вечерта беше обраќањето на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој ги поздрави присутните, истакнувајќи ја важноста на ваквите настани за културната размена и доближување на различните традиции. Тој им се заблагодари на наставничките по германски јазик за нивниот ангажман и на сите посетители за нивното учество, посакувајќи им топли и радосни празници.
За музичкиот дел се погрижија локални изведувачи и ученици кои учат германски јазик, изведувајќи традиционални германски божиќни песни.
Германскиот божиќен базар беше можност за зближување на културите, но и за уживање во едно поинакво, топло и свечено доживување. Битолчани не само што ја почувствуваа германската традиција туку и имаа можност да ги прошират своите знаења за оваа земја, збогатувајќи го нивното искуство.
Овој настан покажа дека интеркултурните настани можат да ја обединат заедницата, создавајќи спомени што долго ќе останат во срцата на сите што беа дел од него.
Битола повторно докажа дека е град кој ги отвора своите врати за светот, а оваа зима, германскиот дух и даде посебна магија.













