ТЕРА

REKLAMA???

ДОНИРАН СОВРЕМЕН УЛТРАЗВУЧЕН АПАРАТ НА ГИНЕКОЛОШКОТО ОДДЕЛЕНИЕ

Клиничката болница во Битола доби нов, современ ултразвучен апарат како донација од хуманитарната организација „Hand Till Hand“ од Шведска, во соработка со фондацијата „Stiftelsen Brödet“ од Шведска и хумани донатори од Соединетите Американски Држави.

„Оваа значајна медицинска донација претставува голем чекор напред во унапредувањето на дијагностичките капацитети на болницата, за нашиот оддел. Со тоа ќе се овозможи побрза, поточна и поквалитетна здравствена услуга за пациентите од овај регион“ вели д-р Михајло Вангелов, раководител на гинеколошко-акушерското одделение во клиничката болница.

Тој изрази благодарност до менаџерскиот тим на чело со д-р Ненси Лозанче и до сите вработени на гинеколошко-акушерското одделние, а посебно и до Томас Росенгрен, Марија Росенгрен претставниците од невладините организации од Шведска и донаторите од САД.

„Како што рекла Мајка Тереза „Не можете сите да правиме големи работи. Но, сите можеме да правиме мали работи со многу љубов.“ Овој благороден чин е резултат на меѓународна соработка и искрена грижа за здравствениот систем и доброто на македонските граѓани“ вели д-р Вангелов.

Од 2016 година, шведската хуманитарна организација „Hand Till Hand“ има реализирано повеќе вредни донации за Клиничката болница во Битола, со вкупна проценета вредност од околу 1.182.000 евра. Активностите се насочени кон подобрување на здравствените услови, хигиената и безбедноста на пациентите и здравствениот персонал.

Точно пред една година, „Hand Till Hand“ свечено го предаде целосно реновираното санитарно-хигиенско одделение на неонатологија, во кое беше инсталиран и современ бојлер за топла вода. Денес, организацијата ја продолжува својата мисија со нова значајна донација.

„На гинеколошкиот оддел на Клиничката болница во Битола е предаден нов модерен ултразвучен апарат, со вредност од 22.890 евра. Оваа медицинска опрема ќе овозможи подобра и побезбедна дијагностика, а со тоа и повисок квалитет на здравствената услуга. Се надеваме дека оваа донација ќе придонесе за побезбедна дијагностика и подобра грижа за пациентките во Битола“, изјави Марија Росенгрен, претседателка на организацијата „Hand Till Hand“ од Кралството Шведска.

Организацијата најавува продолжување на своето долгорочно залагање за поддршка на здравствените установи во Македонија, потсетувајќи на важноста на меѓународната солидарност и хуманост, особено во здравствениот сектор.