47 студиски програми за додипломски студии нуди Универзитетот „Св. Климент Охридски“ годинава, на македонски и на англиски наставен јазик, во времетраење од четири години или организирани во 8 семестри и неколку во времетраење од три години односно организирани во 6 семестри. И за сите Универзитетот има посебна политика на поттикнување на академскит пат и развој на студентите со неколку поволности, од рефундирање на средстрва до комплетно ослободување од партиципација.
Најпрвин, на секоја единица на Универзитетот, од сите студиски програми заедно, на 3 (три) најдобро рангирани кандидати ( што подразбира со највисок број на поени) во квотата на примените редовни студенти, по објавувањето на конечните ранг листи, a по завршувањето на сите уписни рокови, од страна на Универзитетот ќе им бидат рефундирани средствата од плаќање партиципација за првиот семестар од првата година на студии.
Доколку има повеќе кандидати кои се рангирани со ист најголем број поени како и третиот рангиран кандидат, единиците ќе определат дополнителни критериуми врз основа на кои ќе се утврди на кој/кои од сите рангирани кандидати со ист број поени, од страна на Универзитетот, ќе им биде/бидат рефундирани средствата од платената партиципација за првиот семестар од првата година на студии.
На факултетите и високата стручна школа на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ нема да се наплаќа партиципација за
– лица кои до 18-годишна возраст имале статус на деца без родители и родителска грижа, односно и по престанокот на старателството, а најмногу до 26-годишна возраст, доколку се невработени;
– ослободени од партиципација за студирање се и лицата растени во домови за напуштени деца доколку се невработени и
-студенти родители, најдоцна до шест годишна возраст на детето, доколку се невработени.
Лицата со инвалидност запишани на прв циклус на студии на јавните високообразовни установи, чие образование се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија, се ослободени од партиципација за студирање.
И студентите кои имаат статус воени инвалиди се исто така ослободени од партиципација на Универзитетот.
Правото на ослободување од партиципација за студирање се однесува на лицата кои се опфатени со уредби, закони и конкурсот на Универзитетот без оглед дали имаат статус на редовен или вонреден студент, а прекинува со завршувањето на студиите.
Припадниците на безбедносните сили, децата на загинат или починат припадник на безбедносните сили и децата на воен инвалид од I до VII група, утврдени со одредбите од чл. 2 од Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Северна Македонија и членовите на нивните семејства, имаат право на ослободување од плаќање на партиципација за студирање. Оваа категорија студенти се запишуваат во посебна квота која може да изнесува најмногу до 10% од вкупниот број студенти на ниво на студиска програма и ќе студираат на факултетите и на високата стручна школа на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, без плаќање на партиципација.
Поддршката за студентите што ја остварува Универзитетот „Св. Климент Охридски“ може да се види и преку бројните активности што ги организира Универзитетот внатрешно, но и преку бројните курсеви, проекти и конференции што се реализираат во соработка со меѓународни институции и се во насока за поттикнување на академскиот и професионален развој на идните академски граѓани.












