ТЕРА

REKLAMA???

ПАТЕКАТА ЗА РЕКРЕАЦИЈА СТАНАЛА ПАТЕКА НА ЃУБРЕТО

Неконтролирано  одлагање на смет и градежен шут има на ридот во населбата Девеани на чиј највисок дел се сместени Германски гробишта и црквата св. Јован.

Тоа што во 1936 година била рекреативна патека со изградени скалила за да се пристигне до ридот важен за битолската историска читанка,  денеска е дел од ограден простор што укажува на приватен имот, а околината пак е показ за системска негрижа.

Градежен шут спакуван во бели вреќи, комунален отпад од домаќинства, пластични шишиња, најлонски кеси, пакувања од јајца, но и автомобилски гуми, остатоци од детски играчки и кабаст отпат – по некоја  искршена столица и фотеља има на северозападната страна којашто е над битолскиот затвор, а води до Германски гробишта и црквата Св. Јован со пропратните верски споменични обележја.

Сметот од ден во ден се таложи, па и процесот на компостирање на органскиот отпад овде се извршува така – природно.  Видно од приложеното, сметот  не се подигнува од никого.

Едноставно е да се дефинира дека се работи за депонија во населено место.

Од разговорот со некои од жителите кои дознаваме дека неколкупати од Општината и „Комуналец“ било побарано контејнер и таму да се одлага сметот.

Но, контејнер, нема.

Низ шега жителите велат, надлежните биле повеќе заинтересирани да изградат таму нешто отколку да го чистат ѓубрето секој ден. Па објаснуваат дека имале и објаснување дека патот е непристапен. Непристапна е, велат само рекреативната патека којашто постоела пред 60 години. Денеска на делови од неа наши сограѓани ги изградиле своите дворни места и надворешни па и станбени објекти.

Денеска не успеавме да оствариме ниту телефонски контакт за да поставиме прашање до надлежните органи дали жителите на ова населба се корисници на услугите на „Комуналец“.

Од другата страна, тревната површина е чиста. А е простор над тунелот на магистралниот пат, обиколницата над Битола. Суво дрво надвиснало над жица, и засега добро се држи.

Низ целиот урбанизиран простор, на патот кој води до влезовите на објектите, неколку знаци повикуваат сметот да се одлага во корпа.

Но, корпи нема.

Нагоре, по тесната неоформена патека се пристигнува до местото кадешто некогаш била т.н царска црква. Но состојбата ниту на патеката, ни на просторот, не укажува на системска грижа и планирана урбанизација.

Пределот од пред  90 години, кога бил изграден споменот на германските војници, веќе го нема. Градот се развивал и на оваа страна.

Жителите ги изградиле своите куќи, и само за малкуцка, се чувствуваат како во Европа.