ТЕРА

REKLAMA???

Тивко гасење на вековна традиција: Што се случува со Земјоделското училиште во Битола?

Битолската јавност е изненадена и гласно реагира на информациите дека во последниот Конкурс за упис во средните училишта на МОН – нема план за упис во средното земјоделско училиште во Битола. Се прашува што се случува со Земјоделското училиште, дали е ова тивко гаснење на една вековна традиција ?

Повеќе од еден век, средното земјоделско училиште во Битола создава кадри во земјоделството и ветеринарството – струки без кои не може да опстане ниту еден земјоделски сектор. Одлуката да нема упис на ученици во следната учебна година предизвика силни емоции во битолската јавност и се доживеа како губење на уште еден белег што Битола ја прави посебна. Ослободени од локалпатриотски емоции, најавата за тивко гасање на вековна традиција, ја отвора дилемата дали се работи за погрешна образовна политика или за последица на долгогодишни проблеми?
Во изминатите години, вкупниот број на ученици во Средното земјоделско училиште во Битола, во сите четири години, е сведен на една паралелка и се движи околу 40. Во некои генерации има само по неколку ученици, што го доведува во прашање самиот опстанок на институцијата. Дополнително, просечниот успех на учениците бележи континуиран пад, а бројот на неоправдани изостаноци драматично расте. Ова укажува на сериозни проблеми во квалитетот и дисциплината.
И покрај малиот број ученици, училиштето располага со значителни буџетски средства. Но, нема суштински инвестиции или модернизација. Поголемиот дел од трошоците се насочени кон тековно функционирање – материјали, услуги, одржување – без видлив ефект врз подобрување на наставата или привлекување нови ученици. Акцентот со години е ставен на фасадата и подовите, наместо на квалитетот на образовниот процес.
Плановите за јавни набавки го потврдуваат впечатокот. Најмногу се троши за одржување, а потоа и за ѓубрива, семиња и земјоделски активности. Но, во финансиските извештаи не се забележуваат значајни сопствени приходи од овие ресурси.
Состојбите не се подобриле ниту по изработката на Програмата за развој на училиштето за периодот 2024-2028 година, потпишана од сите поранешни и сегашни одговорни лица во установата. Веројатно затоа што документот повеќе наликува на список на желби, отколку на стратегија.
Клучното прашање дали се работи за погрешна одлука или за логичен исход нема лесен одговор. Од една страна, регионот има потреба од земјоделски кадар. Од друга страна, училиштето со години не успева да привлече ученици, да го подобри квалитетот или да создаде сопствена вредност. Исто така, неразбирливо е државата да инвестира околу 400 милиони евра во земјоделството секоја година, а да не се обиде да го задржи училиштето што ги создава идните земјоделци.
Распнато помеѓу овие нелогичности, земјоделското училиште се соочува со најтешките моменти од неговото формирање. Основано уште во 1908 година како сточарска станица, училиштето поминало низ војни, прекини и трансформации, но изгледа нема да ги преживее креаторите на образовни политики. Низ неговите клупи поминале над 3.500 ученици – агрономи, ветеринари, производители, луѓе кои директно го граделе земјоделството во Пелагонија и Македонија. Училиштето располага со специјализирани кабинети, со механизација, земјоделски површини и фарма, спортска инфраструктура и, секако, стручен наставен кадар кои сега се соочуваат со неизвесна иднина.
Случајот со „Кузман Шапкарев“ не е само приказна за едно училиште, туку за систем кој долго време функционирал без вистинска стратегија. Дали некој ќе сноси одговорност за тоа како ова училиште стигна до оваа состојба е одлука што треба да ја донесат токму тие што кумуваа на дереџето до кое го донесоа.