ТЕРА

REKLAMA???

Студентите станале курири на сопствените документи

МАКЕДОНСКИТЕ СТУДЕНТИ КОИ СТУДИРААТ ВО СТРАНСКИ ЗЕМЈИ СЕ СООЧУВААТ СО НЕОЧЕКУВАН ПРОБЛЕМ – НАМЕСТО ИНСТИТУЦИИТЕ МЕЃУСЕБНО ДА ГИ РАЗМЕНУВААТ ПОДАТОЦИТЕ, СТУДЕНТИТЕ СТАНУВААТ КУРИРИ НА СВОИТЕ ДОКУМЕНТИ ОД ЕДНА ДО ДРУГА ИНСТИТУЦИЈА.

За студирање и престој во странство, меѓу потребните документи се и изводи од Матичната книга на родените и уверенија за неосудуваност. Иако дел од овие услуги денес се достапни електронски преку uslugi.gov.mk, дигитализацијата не секогаш значи и побрза постапка.

Роковите, сепак, не чекаат. Примерот за кој објави телевизија Телма неодамна говори за студентка којашто неможела да ја најде регистрацијата на својата пријава во институцијата. Морала повторно  да плати на шалтер за документот што веќе го побарала електронски.

Проблемите не се само со изводите. Слични поплаки од студенти има и за потврдите од Фондот за здравство и уверенијата за неосудуваност, каде што според корисничките искуства се чека подолго од предвидениот рок.

И кај  уверението за неосудуваност што е потребно кај граѓани на секој конкурс за вработување постои и дополнителна административна пречка. При физичко поднесување, надлежен е судот според местото на раѓање, што значи дека граѓанинот кој живее и работи во друг град мора да патува за документот.  Електронската услуга требаше да го реши токму овој проблем. Уверението од кривичната евиденција за физички лица е достапно на националниот портал, а при оптимално функционирање, електронските барања треба да се реализираат во рок од еден до три работни дена. Во пракса, корисниците пријавуваат пробивање на роковите и технички проблеми.

Проблем има и кога документите конечно ќе стигнат. Меѓу поплаките се и грешки во личните податоци: име, презиме, датум или место на раѓање, па дури и матичен број. Исправката потоа значи нова постапка, дополнително чекање и нови трошоци.  За студентите, во периодот на уписи, стипендии и заминување на студентите во странство, овие проблеми дополнително се засилуваат.

Така, наместо системот институциите да ги поврзува меѓусебно, граѓанинот останува врската меѓу нив аплицира онлајн, оди на шалтер, повторно плаќа и повторно чека. А дигитализацијата, барем во овој случај, сè уште не го укина шалтерот. Само го премести дел од чекањето – од редот пред институцијата, во редот пред компјутерот.