Во Битола денес постои чудна политичка реалност: има партии, нема политика. Градот кој некогаш беше политички мотор на Македонија, денес личи на сцена на која мал број луѓе се борат за фотелји, а мнозинството граѓани веќе не сака ни да ја гледа таа претстава. Главните актери се добро познати, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. И двете денес повеќе личат на затворени клубови, отколку на политички организации.
Во Битола одамна не важи правилото дека членството ја води партијата. Се почесто е мислењето дека партиите се приватизирани. Партиските комитети се претворија во затворени канцеларии, во кои влегуваат само луѓе од одредени кругови. Состаноците не се за дебата, туку за потврдување на однапред донесени одлуки. Членството е сведено на статистика. Луѓето кои со години ги граделе партиите, денес седат на страна и гледаат што се случува, чекајќи некаква промена. Проблемот е што таа промена никако да дојде.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ делува како сила без свежина. Партијата и понатаму има силна гласачка база, но зад таа бројка се крие проблем кој ретко се признава: партијата се врти околу ист круг луѓе со години. Младите, ако воопшто ги има, се користат за кампањи и теренска работа, но кога ќе дојде време за вистинска политика, просторот исчезнува. Благодарение на ова во Битола веќе има три фракции во жестока битка за тронот.Во таков систем се создава стагнација. А, кога нема нови луѓе и нови идеи, политиката почнува да личи на администрација, не на лидерство.
Ситуацијата во СДСМ е уште подраматична. Ако во ВМРО-ДПМНЕ сврзното ткиво се интересите за вработување, поделбата на функции или тендери, во СДСМ речиси не остана ништо што ќе ги поврзе завојуваните фракции.
Партијата која некогаш имаше широка инфраструктура и силно членство во Битола, денес не успева да создаде атмосфера на политички настан. Последниот пример беше трибината за спорт во Кино Манаки. Салата беше речиси празна. И тоа не е само организациски проблем. Тоа е симбол на една партија која ја изгубила врската со сопственото членство. Многу долгогодишни членови се повлечени, разочарани од начинот на кој се води организацијата. Додека раководствата се занимаваат со внатрешни калкулации, СДСМ во Битола постепено се претвора во “комбе партија”.
Ослабени одвнатре, незаинтересирани за вистинските проблеми на граѓаните, посветени на желбите и интересите на определени кругови на влијание, двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, се директни виновници за ситуацијата на политичката сцена и, генерално, за состојбата во која се наоѓа Битола денес. Битола не страда од недостаток на луѓе, туку од недостаток на политика. Проблемот на Битола не е што нема способни луѓе. Проблемот е што системите на самите политички партии не дозволуваат тие луѓе да излезат на површина. А, ако евентуално излезат, тогаш се користат сите средства да се запрат, замолчат, уништат.
Политиката во градот стана празна форма без содржина, а нема нови политички генерации кои може да внесат свежина. Причината не е во младите луѓе. Кога млад човек ќе влезе во политика и ќе види дека одлуките се носат во тесни кругови, напредуваат истите луѓе, идеите не се важни колку лојалноста, тогаш логично е да се запраша: што барам јас тука? Затоа многу млади и образовани луѓе од Битола денес се во приватниот сектор, во странство или целосно надвор од политиката.
Додека партиите се занимаваат со фракции, фотелји и внатрешни пресметки, градот тони и губи време. А, времето е единственото нешто што Битола веќе премногу долго го губи.













