Од 5.500 до 300.000 денари месечно. Толку вредат 2 метри квадратни на битолското шеталиште според последното наддавање за поставување на урбана опрема. Досега, вакви баснословни суми за кирија имаа само дуќаните на Широк Сокак. Но, ова не е басна за високи цени. Ова е приказна во која има повеќе прашања отколку одговори. Приказна во која некој многу добива, а некој многу губи.
Најголем ќар од последната распределба на локациите за поставување на тезги и трицикли во битолскиот парк, има Општина Битола. За период од шест месеци, од 19-те локации за кои се објавени податоци, општината ќе инкасира вкупно 6.419.006 денари, односно околу 104.000 евра. Интересно е што сумата не е рамномерно распределена помеѓу закупците, туку само три од 19-те локации носат околу 72% од приходот. На едната страна закупот изнесува 1.800.000 денари за шест месеци, а на другата 26.400 денари. Оттука, во јавноста се отворија редица сомнежи за постапката која досега беше формалност.

Копјата се кршеа околу три локации кои се претворија во вистинска атракција, а борбата да се добијат беше беспоштедна. За сите три како заинтересирани страни се појавуваат исти имиња: Драган Мицевски, Благој Бакулев и фирмата Конзул кафе во сопственост на сопругата на Благој, Ивана Крстевска Бакулев. Ако за една локација има две силни понуди од поврзани субјекти, во случајот сопружници, логична е претпоставката тие заедно да ја истиснат конкуренцијата. На крајот, локацијата ја добива еден од нив. Оттаму, прашањето кое се отвори во јавноста е дали наддавањето беше вистинско или добро поставена игра?
Дел од учесниците го оспоруваат огласот за прибирање понуди во кој било дозволено секое физичко лице да учествува на јавното наддавање што наводно било спротивно на законските одредби бидејќи станува збор за вршење трговска дејност. Дополнителна дилема отвори и самата постапка. Во огласот било наведено дека ќе има јавно наддавање, а во реалноста процесот се одвивал со затворени пликови, без горна граница, без транспарентност што јавноста ја очекува кога станува збор за јавен ресурс. Кога на тоа ќе се додаде информацијата дека наводно дел од закупците веќе работат, а сè уште немаат извршено уплата за киријата, прашањето веќе не е само економско, туку и институционално. Важат ли правилата за сите подеднакво?
Општината може брзо и лесно да ги расчисти дилемите и сомнежите и јавно да објави кој колку платил, кога платил и под кои услови работи. Доколку се објасни моделот на наддавање и се утврди дека бил спроведен согласно закон ќе исчезнат и сомнежите за неговата легалност. Само така ќе се расчисти и дилемата дали конкуренцијата била реална или само привидна. Јавноста не бара ништо повеќе од тоа што ѝ следува: јасни правила, фер игра и целосна транспарентност.













